Ја објавуваме книгата „Пат“ на словенечкиот алпинист-поет, Нејц Заплотник

Со радост информираме дека на македонски јазик ја објавуваме книгата „Пат“ на словенечкиот алпинист-поет, Нејц Заплотник. ❤️

Изданијата на Ехо, поминуваат едно по едно, филмовите и презентациите не' учат и инспирираат, не'замислуваат - а потоа заминуваат, но книгите кои ги издаваме, се да останат со нас вечно. Поради тоа и изборот на изданија кои се бориме да ги издадеме, се многу внимателно одбрани.

„Пат“ е книга која потресува со својата едноставност. Тука е да го распламти жарот кај сите кои почнуваат да ги истражуваат планините, но и кај тие најискусните. Но и кај читател кој никогаш не остварил контакт со планината! Напишана на толку едноставен и чист јазик, но со толку голема љубов. Затоа и Вики Грошељ пишува: „Ја читав ред по ред, а потоа и меѓу редови.“

?„Пат“ е преполна со параграфи преку кои Нејц се открива себе си - како чист вљубеник во планините. Уште во самиот почеток, тој пишува:
„...Алпинизмот е како уметноста: во делото ја внесуваш целата своја сила, целата своја душа, забораваш на сè, живееш само уште за метарот пред себе и кога стоиш уморен на снежниот врв и сонцето те грее, во себе чувствуваш убавина која не знаеш да ја опишеш.
Го чувствуваш светот, ја чувствуваш Земјата, Сонцето, ветрот, сѐ дише со тебе и те опојува. Пријателот покрај тебе молчи, само очите му светат среде пропаднатите образи и без да го прашаш знаеш дека и тој го доживува истото. Дека го доживува самиот живот! Без желби, без мисли го доживуваш сопственото постоење и постоењето на целата природа околу тебе...“

?„Пат“ е преполна со параграфи преку кои Нејц ги открива својот глад и жед за постојано откривање на сиот свет и секоја негова тајна, па така во еден од нив пишува:
„...Не можам да се одлучам што да студирам, ме интересираат премногу работи: психологија, физичка култура, географија, книжевност... Што? Се плашам од времето затоа што сум свесен колку очајно малку време имам. Уште колку многу работи морам да спознаам, да прочитам, да направам, да напишам, уште колку морам да сакам, да се борам, да се радувам, да плачам. Човек би се откажал! Сето тоа во тие неколку децении што ни се на располагање. Сѐ би сакал да нацрпам со голема лажица...“

?„Пат“ е преполна со параграфи преку кои Нејц отворено го споделува широкиот спектар емоции и лични, внатрешни - човечки битки со кои се соочува при учеството во експедициите:
„...Се плашам од Индија. Кога одевме среде нејзината страотна беда, се срамев што сум млад и здрав, што сум облечен и сит. Толку бев сам среде толпата гладни, толку очајно осамен, дотолчен, без изговор пред себе самиот, без оправдување, без компромис, немоќен и болен. И болен тргнав кон планината за која сонував и потрошив многу пари за да можам да застанам на нејзиниот врв, а таму далеку долу, на месечевата светлина, луѓето сè уште умираат од глад по патиштата, облечени само во искинати срамни партали. А сега сакам да се вратам, сакам во рамницата, меѓу луѓето, меѓу вревата и источниот метеж. Сакам да исчезнам меѓу голите кафеави тела, сакам да се поништам и да заборавам на човечката бесчувствителност и себичност. Сепак, не можам да сторам ништо, затоа што сум заробеник на патот по кој одам, затоа што сум себичен, вообразен и претенциозен...“

И вака можеме до крај: да цитираме параграф по параграф, бидејќи целата книга е пребогата со едноставност, љубов, искреност, човечност... И поезија и филозофија. „Пат“ не може да е посоодветното име. Бидејќи „читајќи ја ред по ред, а потоа и меѓу редови“, согледуваме дека нејзиниот автор го нашол својот пат и толку силно, но и скромно го живеел.

„Пат“ е книга во која во суштина, еден реализиран алпинист, кому веројатно му позавидувале најсилните алпинисти во светот за реализираните проекти во највисоките планини - во ниту еден момент не ги опишува проектите преку поминатите технички тежини. Нема должини, стрмнини, оценки... Има движење и откривање, а кога ќе се дојде до врвот, како што ја известува Нејц базата при искачувањето на западниот гребен на Еверест: „...(на врвот сме и) Не знаеме што да правиме...“

Бидејќи не се работи за целта. Туку за патот. Затоа што:
„...Оној што ја бара целта, ќе остане празен кога ќе ја достигне,
а оној што ќе го најде патот, секогаш ќе ја носи целта во себе...“

? И како што пишавме погоре: можеме уште да препишуваме од книгата - затоа што е „маѓепсна“. Вики во поговорот пишува:
„...Бев маѓепсан. Ја напиша за себе, за мене, за
сите нас. Ја напиша за оние што исто чувствуваат, живеат и
доживуваат. Се разбира, никој од нас директно не покажа восхит за книгата, сите имаа некаков лажен гнев, во смисла па зошто го пишувал тоа, сега веќе нема смисла да се обидуваме, зашто подобро од ова не оди...“ ❤️

? Ова е книга која не можеме доволно едноставно да ја препорачаме: најубавото нешто што ќе ви се случи од аспект на планинска литература.

? Изданието кое го објавуваме има 244 страни, од кои 32 страни се фотографии од различни периоди од животот на Нејц. Книгата официјално ќе биде претставена на 24 октомври (вторник), во 20 часот во кино Фросина.

Со огромна благодарност до:
Сава пензиско друштво а.д. Скопје
Allga San
Министерство за култура / Ministria e Kulturës
Javna agencija za knjigo RS

Партнери

Поддржано од

Член на: