Вести

Жирито на Фестивалот на планински филм Ехо - 2017

Ендру Гудспид е роден во Њујорк. Има дипломи од Универзитетите во Мичиген и Оксфорд, а и од Тринити Колеџ во Даблин. Негова област на експертиза се англискиот јазик и литература, англо-ирската литература и рускиот јазик и литература. Предава англиски јазик на Универзитетот на Југоисточна Европа, каде што служи и како  Провост и Проректор за истражување.
Има пишувано многу за делата на Пинтер, Т.С. Елиот, Бекет, како и бројни рецензии на модерни поети. Неговиот увид во тоа што е во основа мошне комплексен корпус на литература и поезија - е просветлувачки и беспрекорен. Тој и самиот пишува поезија од која извира најдлабок сензибилитет. Кога не е во Скопје, тој го поминува најголемиот дел од своето време во Денвер, Колорадо, опкружен од блаженството на грациозните планини. Тој свири на ситар, индиски инструмент кој истовремено исполнува со моќ и мир.

Професор Др. Ферид Мухиќ ги воспеал и им се поклонил на планините од Аљаска до Борнео. Пешки го изодел Балканот и се искачил на сите негови врвови кои се издигаат над 2000 метри надморска височина. Секогаш сам, никокаш осамен. Патувал од еден до друг крај на светот. И повторно, секогаш сам никогаш осамен. Честопати во придружба на неговата тотемска икона, сивиот сокол фалко перегринус – големиот патник. Го сакаат децата, кучињата и коњите. Осознал дека го разбира говорот на шумата, беседите на древните дабови, воскликот на елегантните борови. Честопати задлабочен во дијалог со животните, тој зборува со цвеќињата, тревите и ѕвездите. Оваа моќ му ја дарувал змијскиот цар во сенката на моќниот даб крај Модар Вир, на реката која се вика Црна и која е Nigra sed Formosa! – „Црна, но убава“!
Предава Модерна и Соврмена Филозофија на Универзитетот Св Кирил и Методи во Скопје. На овој Универзитет прв ги вовел предметите Филозофска антропологија, филозофија на религијата, политичка филозофија. Предавал и Естетика, Етика, Логика, Херменевтика, Постмодерно мислење. Тој е визитинг професор на повеќе универзитети ширум светот од Европа преку САД, до Малезија и Сингапур. Бил член во жири комисии на неколку реномирани филмски фестивали во Европа.

Влатко Галевски од 1988 до 1993 година работи како уредник на видео изданијата на Македонија Филм Скопје. Од 1993 до 1998 година е уредник на филмската програма на А1 Телевизија и автор на емисиите „Синема“ и „Синеманија”.
Од позначајните работи во неговата кариера, се јавува како продуцент, директор на фотографија и коавтор на музиката во филмот „Маклабас” во режија на Александар Станковски. Меѓу другото, се јавува и како актер во филмот „Самит на Шаманите”, исто во режија на Александар Станковски. Автор е на две книги, „Фацерија” (2010) и „Исповедни финеси” (2015).
Од 2001 до 2011 година работи како уредник за култура и уметност во неделникот/месечникот „Форум“ и како уредник за специјални проекти во истиот.
Во изминатите 20 години работи како радиоводител на неговата авторска емисија, Слушајте филм, денес на Метрополис радио.
Влатко Галевски е уметнички соработник и селектор за четири концерти на филмска музика со Македонската филхармонија во периодот 2010-2011 година.
Во својата кариера, впишан е и како претседател на неколку филмски фестивалски жирија на фестивали како Астерфест, Cinedays, ЕХО – фестивал на планинарски филм и Македокс.
Тој е и автор на преку 600 филмски рецензии во домашни и странски списанија како „Екран“, „За Македонцките работи“, „Форум“, „Фокус“, „Кинопис“, „Сарајевске свеске“ и многу други.

Партнери

Медиуми