Вести

„Слободата како уметност“ од Бернадет Мекдоналд

Со голема благодарност и радост, најавуваме нова книга во издание на нашиот фестивал – повторно во соработка со Амбасадата на Р. Полска (Polish Embassy Skopje):

„СЛОБОДАТА КАКО УМЕТНОСТ – животот и искачувањата на Војтек Куртика“ на канадската авторка Бернадет Мекдоналд, посветена на еден од најголемите полски и светски алпинисти на сите времиња: Војтек Куртика!

Студиозноста на Бернадет ни е позната преку книгата која ја издадовме минатата година, („Алпинистички воини“), а овој пат таа не’ почестува со длабока и трогателна биографија за еден од најпочитуваните, комплексни и осамени алпинисти во меѓународната качувачка сцена!
Роден во 1947 година, Војтек Куртика беше еден од главните ѕвезди во златното доба на полскиот хималаизам. Неговиот визионерски пристап кон качувањето, резултираше со многу прочуени искачувања, меѓу кои и целосната пречка на Броуд Пик, „голото, ноќно“ брзинско качување на Чо Оју и Шишапангма, а пред се’ и искачувањето во алпски стил на Гашербрум 4. Ова искачување, именувано уште и како „искачување на векот“, до 2017 година, никој го нема повторено. Негови најчесто партнери беа легендите на алпинизмот во тоа време: полскиот хималајски качувач Јержи Кукучка, швајцарскиот водич Ерхард Лоретан и британскиот алпинист Алекс Мекинтаер.
По неколку одбивања да ја прими наградата „Златен цепин за животно дело“ (нешто како „Оскар“ во светот на алпинизмот), Куртика, сепак го прифати ова признание во пролетта 2016 година. Посветено, повлечена личност, тој има одбиено безброј покани за интервјуа, предавања и присуства на фестивали, но сепак прифаќа да соработува со светски познатата и наградувана авторка Бернадет Мекдоналд од Канада, за подготување на негова долгоочекувана биографија.
Оваа книга со сигурност е едно од најголемите случувања во светот на алпинизмот и ќе им се допадне на сите читатели кои сонуваат по планински пејзажи и кои тежнеат да го допрат небото.
„Слободата како уметност“ ја истражува фантастичната комплексност на Војтек Куртика, алпинист што беше воден од естетиката и стилот, кон реализацијата на некои од најзабележителните искачувања. – Сер Крис Бонингтон, алпинист и автор на „Одбрав да качувам“;
Нема да претерам ако кажам дека оваа книга на Бернадет Мекдоналд е една од најентузијастично очекуваните книги за алпинизам оваа деценија. Дело на еден од најпочитуваните писатели во овој жанр, за една од најголемите качувачки легенди. – Кејти Ајвс, главен уредник на списанието „Алпинист“...
И многу други видни членови на заедницата – со суперлативи за авторот за нејзината посветеност и умешност да ни го приближи мистичниот Војтек и да ни претстави детали од неговите искачувања кои го одведоа хималаизмот во нови височини!
Нашата благодарност до Амбасадата на Р. Полска е огромна! Повторно, како и неколку години наназад, допринесуваат со страшно богат дел во програмата на нашиот фестивал – овој пат со книга, што за нас е многу важно бидејќи тоа е нешто што ќе остави трага долгорочно после фестивалските денови, но и книга која по својата содржина е ненадоместлив бисер посветен на сржта на алпинизмот.
  

Партнери