Вести

Конкурс „Најдобра планинска фотографија“ на ЕХО 2021

Македонија – прекрасна!
Конкурс „Најдобра планинска фотографија“ на ЕХО 2021

Дојде и тој момент – кога сите здружно, повторно силно ќе ја загреваме атмосферата пред фестивалот, споделувајќи дел од своите фотографии од убавините во кои сме уживале! Сите албуми од овие Конкурси се специјален момент пред ЕХО и ги обожаваме! Убавини!

Овогодинешниот фото-конкурс повторно го посветуваме на македонските планини.
Во изминатите две години – ја истражувавте повеќе, и’ се радувавте повеќе, ја сакавте повеќе... Ајде сите заедно, со што поголем број фотографии да ги споделиме искуствата и радостите од посетата на нејзините убавини и да покажеме и докажеме, повторно и повторно, колку нашата Македонија е навистина – прекрасна!

Конкурсот започнува денес, а ќе трае до 31ви август. Целта повторно, исто како што беше и во минатите години, е да Ве поттикнеме, инспирираме, охрабриме – да ја споделите и Вие Вашата приказна преку Вашите најубави и најинспиративни моменти кои сте ги имале во планината, во природата – претставени преку Вашите фотографии на најразлични теми: планински спортови и рекреација, пејзажи, планинска флора и фауна, живот во планина, изгрејсонца, зајдисонца, насмевки... И секако преку нив, да не’ инспирирате и нас, па штом заврши овогодинешното издание на Ехо – сите на планина!!!
И овој пат, како и лани, темата е „Македонија – прекрасна!“ и ќе бидат прифатени само фотографии од планините и Вашите искуства во нив – од нашата прекрасна држава!
Конкурирање: Конкурсот е отворен само за жители на Република Македонија. Eден автор може да конкурира со најмногу 2 фотографии и својата апликација треба да ја достави преку официјалниот е-маил на Ехо за таа намена: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Апликација: Покрај фотографијата, во мејлот јасно треба да биде напишано името и презимето на авторот, насловот на фотографијата, а по желба на авторот и краток опис за фотографијата/фотографиите со кои аплицира, но и линк до негово портфолио, веб-сајт и/или друг социјален медиум, кои би послужиле за подобро запознавање на публиката на ЕХО со неговата фотографија и други дела.
За фотографиите: Големината на фајлот да не е поголема од 20Мb. Фотографиите не смеат да бидат помали од 1600 пиксели во ширина ако се хоризонтални или 1600 пиксели во висина ако се вертикални и не смеат да содржат никакви жигови и логоа.

Тек на конкурсот: Сите пристигнати фотографии, ќе бидат објавувани во заеднички албум на Фејсбук профилот на Фестивалот – за наше уживање, инспирација и загревање за Фестивалот! Краен рок за праќање на фотографии е 24 часот на 31ви август. На 10ти септември, 3-члено жири ќе ги објави 10-те најдобри фотографии, земајќи ги во предвид следните критериуми: креативност, квалитет на фотографија и композиција. Во текот на последниот ден, кога ќе биде организирана церемонијата за прогласување на победници на филмови на овогодинешното ЕХО, ќе бидат прогласени и трите победнички фотографии, а авторите ќе бидат наградени со: опрема за планинарење од продавницата Outdoor.mk и досегашните публикации на Фестивалот.
Забелешка: Ќе бидат земени во предвид само фотографии кои претходно не учествувале на други конкурси и кои не биле изложувани и за кои авторот ги поседува сите права.


Партнери

Поддржано од

Член на: