Вести

Жири за конкурсот за планинска фотографија

Ви ги претставуваме членовите на жирито кое ќе ги одреди победниците на овогодинешниот конкурс за Најдобра планинска фотографија на ЕХО:

Горан Кузмановски е роден во 1982 година во Битола, Горан дипломира електроника и е татко на Доријан и Тара. Тој започнува со скијање и качување уште на мала воzраст, кога станува член и на македонскиот национален тим во алпско скијање. На 15-годишна возраст, тој станува многу посветен на планинарството, вклучувајќи го секако и качувањето во зимски услови.
2000 - ја открива фотографијата и таа станува негова голема пасија, земајќи учество при тоа, но и победувајќи на повеќе меѓународни конкурси по фотографија,
2002 - започнува со качување на карпа и алпинизам, искачувајќи околу 40 нови насоки, од кои неколку во зимски услови,
2004 - го формира качувачкиот клуб Вертикал, каде ги споделува своите вештини и искуство, со нови генерации качувачи,
2006 - станува инструктор и поставувач на насоки по спортско качување, отворајќи 30 спортски насоки,
2007 - започнува да работи во компанијата Макпетрол, во ИТ секторот,
2008 - зачетоци во видео продукција,
2012 - започнува да се занимава со парагјладерство,
2015 - официјален фотограф за параглајдинг компанијата ИКАРО,
2018 - официјален фотограф за германската компанија Адвенчр ГМБХ.
 
Александар Дончев е роден во Струмица и завршил уметничка и применета фотографија на Националната академија за театар и филмска уметност во Софија, Бугарија.
Александар е автор на 15тина самостојни изложби на фотографии, кај нас и во странство и е автор на книгата со фотграфии МОНОС. Исто така тој е соработник и објавува репортажи од време на време во списанието Премин.
Александар од 2003 година е управител и сопственик на рекламната агенција ЕПП Студио и има работено како фотограф, арт директор и камерман на безброј рекламни кампањи кај нас, но и во Швајцарија, Грција, Бугарија, Холандија...
Со алпинизам се занимава од 1995 година.

Виктор Соколовски е магистар по геодезија, џез зависник и вљубеник во театарот. Фотографира од љубов.
 
Од 2007 година е ангажиран како фотограф-дописник за порталот за култура SEECULT со седиште во Белград, соседна Србија. Со фотографија пред публиката прв пат самостојно се претставил во Скопје, во 2007 година во винотеката Темов, каде изложил 200 фотографии, претежно портрети на музичари и гости направени за време на „свирки“ во овој своевремено култен ноќен клуб. Потем на два пати изложувал во Франција, во Каен и Ифс, каде ја понудил својата колекција на фотографии снимени во Старата скопска чаршија.
Во рамките на програмата „Македонија без дискриминација“ во 2009 година ја освои специјалната награда на жирито за „најдобра фото-приказна “ на тема „Еднакви можности и (НЕ) дискриминација“, а две години подоцна на Млад Отворен Театар (МОТ) се претстави со изложбата „Три“ со фотографии од три претстави одиграни на три различни сцени во една иста ноќ снимени на претходното издание на оваа значајна културна манифестација. Истата колекција, на покана од организаторот следната година беше претставена на „Бош“ фестивалот во Гевгелија.
На годинешното издание на Денови на македонска фотографија што се одржа во Охрид, а чиј традиционален организатор е Фото сојуз на Македонија, за колекцијата насловена „Генеза“, Виктор ја освои третата награда во оваа категорија.
Од 29 јуни до 10 јули годинава исто така, во Кинотека се одржа неговата шеста самостојна изложба, насловена „Претстава“, на која беа изложени фотографии снимени на неколку театарски сцени во земјава и регионот во последнава декада.

Партнери

Поддржано од

Член на: