Вести

Конкурс за најдобра планинска фотографија

Конкурс „Најдобра планинска фотографија“

Од 2ри до 15ти октомври, Фестивалот на планински филмови „ЕХО“, Ве поканува да учествувате на конкурсот за „Најдобра планинска фотографија“. Целта повторно, исто како што беше и минатите години, а исто како што е и со конкурсот за „Најдобро кратко видео“ е да Ве поттикнеме, инспирираме, охрабриме – да ја споделите и Вие Вашата приказна преку Вашите најубави и најинспиративни моменти кои сте ги имале во планината, во природата – претставени во овој случај преку Вашите фотографии на најразлични теми: планински спортови и рекреација, пејзажи, планинска флора и фауна, живот во планина, изгрејсонца, зајдисонца, насмевки... И секако преку нив, да не’ инспирирате и нас, па штом заврши овогодинешното издание на Ехо – сите на планина!

Конкурирање: Конкурсот е отворен само за жители на Република Македонија. Eден автор може да конкурира со најмногу 2 фотографии и својата апликација треба да ја достави преку официјалниот е-маил на Ехо за таа намена: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Апликација: Покрај фотографијата, во мејлот јасно треба да биде напишано името и презимето на авторот, наслов на фотографијата, а по желба на авторот - и краток опис за фотографијата/фотографиите со кои аплицира, но и линк до негово портфолио, веб-сајт и/или друг социјален медиум кои би послужиле за подобро запознавање на публиката на ЕХО со неговата фотографија.

За фотографиите: Големина на фајлот не поголема од 20Мb. Фотографиите не смеат да бидат помали од 1600 пиксели во ширина ако се хоризонтални или 1600 пиксели во висина ако се вертикални и не смеат да содржат никакви жигови и логоа. (Од победниците може да биде побарано да обезбедат и подобар формат за потребите на планираната изложба на Фестивалот)

Тек на конкурсот: Сите пристигнати фотографии, ќе бидат објавувани во заеднички албум на Фејсбук профилот на Фестивалот. Краен рок за праќање на фотографии е 24часот на 15ти октомври. На 17ти октомври, 3-члено жири ќе ги објави 10-те најдобри фотографии, земајќи ги во предвид следните критериуми: креативност, квалитет на фотографија и композицијата. Тие фотографии ќе бидат испечатени и изложени за време на деновите на Ехо во МКЦ. Во текот на последниот ден, кога ќе биде организирана церемонијата на прогласување на победници на филмови и кратко видео, ќе бидат прогласени и трите победнички фотографии, а авторите ќе бидат наградени со: опрема за планинарење од продавницата Outdoor.mk,  досегашните публикации на Фестивалот и  сет опрема за качување од Rock Empire!

Забелешка: Ќе бидат земени во предвид само фотографии кои претходно не учествувале на други конкурси и кои не биле изложувани и за кои авторот ги поседува сите права. Авторот, со својата апликација, му дава право на Фестивалот за планински филмови „ЕХО“, бесплатно да располага со неговите фотографии и да ги користи за објавување на Фејсбук профилот, сајтот на Фестивалот и други социјални медиуми, за објавување во книги и списанија во издание на Фестивалот, огласи за нови конкурси и разни други свои маркетинг и комерцијални цели.

Партнери

Поддржано од

Член на: