Во периодот од 21 до 23 мај 2024 година, Пиотр Кжижовски стана првиот човек во светот, кој во еден непрекинат искачувачки налет, ги искачил Лотце (8 516 м) и Монт Еверест (8 848 м), самостојно и без дополнителен кислород од боци. До двата врва стигнал во временски интервал од само 47 часа и 22 минути, без во ниту еден момент од искачувањето да се спушти под Камп 4. Никој во историјата на искачувања во Хималаите претходно не го постигнал ова, а уште помалку на ваков начин. Неговиот подвиг е внесен во Гинисовата книга на рекорди како најбрзо искачување на двата врва во историјата, изведено на ваков начин.
Како признание за ова достигнување, во 2025 година добил награда од жирито на наградите KOLOSY во категоријата алпинизам.
Вклучувајќи го искачувањето до највисокиот камп на Лотце и симнувањето од Еверест, Пиотр поминал вкупно четири ноќи во или во близина на т.н. „Зона на смртта“. Ова е извонреден подвиг на издржливост и најверојатно, најдолгото време што еден полски алпинист го поминал во оваа зона, која е смртоносна за човечкиот организам.
Досега, Пиотр има искачено 11 врва повисоки од 8 000 метри и ја има комплетирано Каракорумската круна. Сите овие планини ги искачил во негов препознатлив, брз стил, без дополнителен кислород од боци и без лична поддршка од Шерпаси, а во повеќето случаи искачувајќи се самостојно:
2021 – Гашербрум II
2022 – Броуд Пик
2022 – К2 (Броуд Пик и К2 ги искачил во само девет дена)
2023 – Нанга Парбат
2023 – Гашербрум I
2024 – Лотце и Монт Еверест (двата врва ги достигнал во интервал пократок од 48 часа)
2025 – Макалу
2025 – Манаслу и Даулагири (експедицијата траела само 26 дена. Пиотр го искачил Манаслу на 15-тиот ден по пристигнувањето во базниот камп, а само шест дена подоцна стигнал и до врвот на Даулагири)
2026 – Канченџанга (експедицијата траела само 15 дена. Пиотр го достигнал врвот на третата највисока планина во светот на деветтиот ден по пристигнувањето во базниот камп, без претходна аклиматизација)
Роден во 1979 година, Пиотр Кжижовски е алпинист, волонтер во планинската спасителна служба ГОПР и правник. Своите вештини за искачување ги развивал на врвовите на Татрите, Алпите, Кавказ, Памир и Тиеншан.
Во зимата 2019 година, заедно со својот партнер во искачувањето, М. Хатала, остварил историски подвиг: станале првите Полјаци кои во зимски услови го искачиле Кан Тенгри (7.010 м). Тоа е највисокиот врв во Казахстан и вториот највисок во планинскиот масив Тиеншан. За ова достигнување, ја добиле наградата од „Татерник“ (гласникот на Полскиот алпинистички сојуз), „Јежи Кукучка“ - за најдобро искачување во високите планини, во 2019 година. Нивното искачување на Броуд Пик и К2 во интервал од само девет дена им донело и признание од жирито на наградите KOLOSY во категоријата достигнување на годината. Ова е награда во Полска, во чие жири влегуваат некои од најпознатите полски алпинисти...







