Во МКЦ, во текот на Ехо, ќе биде претставен мултимедијален проект „Суровини“ на Христина Крстеска
Опис на проектот
Каква е природноста на природата? Општо гледано, човекот обично нема проблем да ги образложи изградените урбанистички опкружувања во животната средина, но природата како да претставува проблем. Дали таа постои како општествен прозивод? Или можеби е само артефакт на уметноста и дискурсот? Или пак, е некаква форма на комуникација? Сепак, најзастапен поглед кон природата би реклe дека е “природата како ресурс”, а тоа несомнено го гледаме, покрај другото, преку начинот на кој ги третираме карпите. Овие инертни форми човекот ги употребува најмногу како минерални суровини (суровина – материјал што допрва треба да се обработува).
Карпите постојат поразлично од сè друго во животната средина кое се раѓа, старее и умира, па така класифицирајќи ги карпите како неживи наспроти живите битија имаме создадено цел речник на разлики и поделби. Нашата неможност да ја разбериме нивната временост и форма на постоење, на некој начин нè поттикнала да ја покажиме нашата доминација и контрола врз нив.
За авторката:
Христина Крстеска е интердисциплинарен визуелен уметник и истражувач. Има завршено магистерски студии по сликарство на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје. Учествувала во повеќе уметнички работилници, партиципативни проекти, групни изложби како и курсеви за современи уметнички практики. Во фокусот на нејзините истражувања се карпите и геолошките промени кои се случуваат во пејзажот, под влијание на човекот. Нејзиното хоби и пасија за качување карпи ги пренесува и во уметничкото изразување преку користење на различни медиуми.
Христина е една од авторите селектирани на отворениот повик за интердисциплинарен издавачки проект од Private Print PrivatePrint. Во истражувањето, таа прави опсервација на односот кој луѓето го имаат кон карпите, природните ресурси на нашата планета и испитува како тие се искористуваат во процесот на задоволување на таканаречените „човечки потреби“. Книгата се очекува да биде издадена до крај на оваа година.
Преку овој мултимедијален проект составен од документарни / експериментални фотографии, слики, видео - звучна инсталација, просторни инсталации и текст, Христина се обидува да нè доближи до различните перспективи на гледање и разбирање на карпите, поставувајќи го прашањето за важноста на нивното постоење и за нашата несвесност кон зависноста од нив. Проектот претставува еден вид на дневник / записник од нејзините патувања и истражувања.