На 28-ми ноември 2012 година во Скопје, во организација на Алпинизам.орг и Бореал,
презентација одржа Каталонката Силвија Видал. Таа е најмногу позната во качувачката заедница по нејзините повеќедневни самостојни искачувања на големи карпи и презентацијата беше за нејзиниот последен успех: искачувањето на насоката „Вилинско коњче“ (1500м, A4, VII) во Сераниа Аваланча во Патагонија (Чиле), кога качуваше сама на карпата 32 дена, при тоа останувајќи сама во пошироката област околу оваа карпа во период од два месеци, без било каква техника за комуникација, без добивање временска прогноза и слично... Презентацијата е дел од пошироките активности на меѓународниот планински филмски фестивал „Ехо“, кој со вакви слични манифестации ќе одекнува во текот на целата година! Презентацијата се одржа во амфитеатарот на Факултетот за електротехника и информациски технологии.