1.ГРАН ПРИ на Ехо 2015
„Метаноја“ – Џим Ајкман, САД, 2014
Во планината, како и во животот, постои една точка од која нема враќање. Целта е и во планината и во животот, да се дотигне таа точка.
Филмот „Метаноја“ ја раскажува персоналната драма на Џеф Лоу, еден од најголемите екстремни качувачи во историјата, која уверливо, но суптилно, потсетува дека станува збор за универзална драма со која се соочува секој човек! Спиритуалната конверзија низ која минува Џеф, не’ потсетува на тоа што значи да се биде жив и колку тоа бескрајно обврзува. Невозможното е само она што сеуште не сме го направиле! – ни порачува Џеф Лоу. И најголемата трагедија прераснува во духовен триумф, откако ќе го прифатиме најголемиот предизвик, соочувањето со сопственото вистинско јас!
Реализиран естетски суверено, со динамична драматургија и извонредна фотографија, овој филм претставува моќна, инспиративна ѕвезда во галаксијата на документарни планински филмови!
2. Најдобар долгометражен филм
„Свирка во Кина“ – Еврард Венденбаум, Франција, 2014
Хедонизам на 5000 метри. Кога и на работ на страдањето може да постои задоволство. Кога планината нуди и ветувања и закани. „Свирка во Кина“ е направен како поттикнувачки, охрабрувачки и оптимистички аспек за живеењето без резерви. Овој филм има длабока поучно-хуманистичка порака. Покажува дека стравот и хуморот можат да одат заедно, дека ритамот и музиката се излез од опасноста, дека планината се сака со пот, песна и дух. Актерите во овој филм воспоставуваат интеракција со природата, не како освојувачки поход, туку како благороден начин на спојување на човекот со неа, природата.
3. Special Mention – долгометражен филм
„Нини“ – Џиџи Џиустиниани, Италија, 2014
Супериорност на документаристичкото презентирање на архивските материјали пред 85 години. Филмот ја доловува суштината на предизвикот да се занимаваш со алпинизам, но истовремено потврдува дека подеднаков предизвик е да се биде човек. Во овој филм, страста, љубовта, музиката, драмата и поетиката во наративна структура, функционираат во неверојатна хармонија.
4. Special mention - долгометражен филм
„Прва македонска трансверзала“ - Горан Вукиќ/Кирил Шентевски, Македонија, 2015
Најнапред, филмот претставува единствен архивски видео документ во кој детално е регистрирана историјата на македонската западна трансверзала, како најспектакуларна и наедно, како прва голема планинарска трансверзала во државата.
Авторите ја следат приказната од првата идеја, преку подготовките, се до нејзината целосна реализација, завршена со одбележувањето на целата траса на трансверзалата.
Вториот квалитет е афирмацијата и развивањето на етичките доблести, кои се изворна инспирација на планинарскиот спорт. Духот на солидарноста и взаемната грижа покажана од страна на сите учесници во трасирањето на трансверзалата, на најдобар начин го промовираат планинарството во сите негови битни вредности.
Естетските аспекти на филмот реализирани се низ балансирани секвенци на наративните и динамичките елементи.
5. Најдобар краткометражен филм
Главната награда во категоријата краток филм оди во рацете на две дами, Џен Рендал и Клер Картер, авторките на прекрасниот филм, „Операција Мофат“. Приказната за Гвен Мофат, првата жена планински водич во Британија, ги има сите елементи кои еден краток филм треба да ги содржи – од комбинирањето на архивски и актуелни материјали во градењето на филмската приказна, до хуморот и емоциите кои истекуваат на сите страни. Особено важно за овој филм е паралелното дејствие, во кое задно со 91-годишната хероина се вклучени и авторките на овој филм.
6. Special Mention – краткометражен филм
„Слободно“ - Алистер Ли, Англија, 2014
Овој филм, на авторот Алистер Ли, за успехот во доловувањето на апсолутната слобода на еден соло искачувач во слободен стил, приказна за анти-херојот Џилијан Лајнс, чија страст е комплетно спојување со природата. Ли на поетичен начин, со префинет документаристички јазик, успеал да ја долови неговата филозофија на животот, во која најдобриот качувач за кој немате слушнато вели дека моментите додека е на карпата е тоа што за него претставува самата суштина на животот, како што се надеваме дека е така и за многумина во салата вечерва.
7. Најдобро аматерско видео
„Salakovi Lakes Traverse" - Коста Лазаревски
Компактно и хармонично остварување во кое нагласениот лирски квалитет, вклопен во соодветно одбраната музичка кулиса, кулминира со дискретно навестената сугестија за планинарството како потрага по убавината во сеопштата минливост на светот.
Жири на ЕХО 2015 во состав:
Проф. Др. Ферид Мухиќ,
Проф. Ендру Гудспид,
Борјан Зафировски
Игор Ангелков и
Влатко Галевски