„Последната експедиција“, Елиза Кубарска, Полска, 80'

Полската режисерка Елиза Кубарска, и' е веќе добро позната на македонската публика: присутна во нашата фестивалска програма со неколку свои филмови, добитник на Гран При за еден од нив („Ѕид на сенки“, 2021г.), а беше и гостин-презентер на едно од нашите изданија (во 2023г.)- кога впрочем ја доби и Големата награда на Меѓународната алијанса за планински филм.

На овогодинешното издание, Елиза е повторно дел од програмата, со своето дело: „Последната експедиција“.

Ова е приказна за најдобрата алпинистка во светот, икона на независна, силно решителна жена, која немилосрдно ја следи својата цел и која го промени машко-центричниот поредок во светот на алпинизмот. Филм за нејзиниот подем и пад - и како го отвори патот кон Хималаите за следната генерација жени алпинисти.
Елиза преку овој филм тргнува во потрага по Ванда Руткевич, која исчезна во Хималаите пред 30 години. Таа бара докази дека Ванда го испланирала своето исчезнување и се крие во тибетски манастир. Елиза ги следи чекорите на последната експедиција на Ванда – од Непал до Тибет, преку највисоките врвови до Канченџунга – за да открие што навистина се случило...

Би сакале да потсетиме на објаснувањето зошто ИАМФ и' ја додели Големата награда на Елиза: „...За нејзината режисерска кариера на документарни филмови, преку кои ги истражува човечките приказни сокриени зад големите авантури.
Посветен качувач, човек кој сака да патува и истражува, Елиза е една од малкуте жени кои постигнале тешки искачувања на големи карпи и првенствени насоки на разни страни во светот, како и со свое учество во алпинистички експедиции во Каракорум и други масиви.
Но, иако нејзиниот личен пристап во планините можеби изгледа како изразено спортски и авантуристкички, филмовите кои ги прави за време на своите авантури имаат карактеристика од надминување на обичната приказна со факти - кон истражување на длабочините на човечката душа.
Резултат на оваа сензитивност е тоа што преку својата работа таа има добиено бројни награди не само на повеќето членки на Алијансата туку и на други меѓународни фестивали кои не се поврзани со светот на планините...“

Партнери

Поддржано од

Член на: