Дарко Андоновски со аматерска фотографија се занимава од 1978 година, а професионално од 2001година. Работел како фоторепортер и уредник на фотографија во дневните весници Македонија денес, Нова Македонија и Вечер, како и во неделникот Денес. Учествувал на повеќе групни изложби во земјата и во странство, а добитник е и на наградата „Живко Јаневски“ за најдобра фотографија во 2005 година на конкурсот на здружението на фоторепортерите на Македонија и наградата за најдобра фотоприказна на истиот конкурс. Во моментов е вработен како фоторепортер во дневниот весник Нова Македонија.
Васе Аманито (1981г.) повеќе од 20 години работи во полето на визуелни уметности, а во последните 10 години главен домен му е фотографијата. Црпи инспирација од работите околу себе и постојано е во потрага по нови искуства и предизвици. Голем вљубеник во форми и структури, па оттаму архитектонската фотографија му е во главен фокус. Покрај фотографирање на разни комерцијални авторски проекти на архитектонски бироа, се јавува како фотограф на неколку истражувачки архитектонски проекти и изложби како „Скопските Вертикали“, „Модернистичка мапа на град Скопје“ и др.