Рус е „аутдор“ фотограф и снимател, со бројни експедиции и документарци за качување и скијање во Бугарија, француските Алпи, Патагонија, Јужна Африка и Пакистан.
Неговиот најпознат филм „Опашката на змејот“ е документарец за најуспешната бугарска експедиција во патагонските Алпи и за првото бугарско искачување на Серо Торе. Овој филм беше во официјалната селекција на 8 филмски фестивали на 3 континенти – а и на нашиот ЕХО, кога покрај филмот, имавме организирано и негова презентација како и фото изложба насловена „Вертикални моменти“.
Голема чест ни е што овој пријател на фестивалот, сега станува и на еден подлабок начин дел од него – како член на филмското жири!
Јержи Порембски (Полска)
Јержи Порембски е полски продуцент, сценарист и режисер , вљубен во планините и патувањето, со учество во реализација на преку 20 документари филмови од жанрот на планинскиот филм.
Повеќето од тие филмови се и наградувани на многу фестивали на планински филм во светот, од Перу и Аргентина, до Русија и САД, а филмот „Кукучка“ (кој имавме можност да го гледаме и на нашиот фестивал, при промоција на книгата „Ти не си втор, ти си голем“ од Петар Атанасов), е дел од програмата на француските кина во период од повеќе години, но и изготвен на ДВД во САД, Франција и Италија. Од октомври 2020 година, соодветна премиера во фестивалите и кината ќе има и филмот „Закопанците“.
Јержи низ годините е дел од жиријата на повеќе фестивали на планински филм, како на пример во Билбао, Карлови Вари, Попрад и Хуараз, но неговото портфолио сепак не е ограничено само на филмот. Тој е и агент за лиценци за 30тина книги посветени на планинска тематика, вклучувајќи го тука и дел од опусот на авторката Бернадет Мекдоналд (чија книга „Алпинистички воини“ беше објавена минатата година на нашиот фестивал), но и автор и ко-автор на книги („Полските Хималаи“, „Доктори во планините“, „Бербека“...) и стрипови (како на пример „Трагедијата на Ло Ла“ – објавен на нашиот фестивал во 2015 година), а неколку нови ќе бидат објавени наскоро.
Јержи беше дел од нашиот фестивал како презентер, но и „задкулисно“ е голем поддржувач и главен виновник за голем број од активностите на тема „Полска“ на нашиот фестивал (на пример координација на гостите од полската планинска спасителна служба ТОПР, гостувањето на големиот полски алпинист Кшиштоф Вјелицки...)
Јержи има фантастично познавање и голема репутација во светот на планинскиот филм и фестивали на планински филм и ни е голема чест што е член на жирито оваа година.
Илија Циривири (Македонија)
Илија е родум од Скопје и е одличниот баланс на висок успех во филмската фела и алпинизмот кој од секогаш сме го барале во барем еден член на нашето жири во годините – и конечно го имаме
По завршување на гимназијата, започнува со студии на Факултетот за драмски уметности – Скопје, кадешто запишува Продукција, а по завршување на студиите со висок просек, продолжува со магистратура на истиот факултет – процес кој го завршува на тема „Стратешко планирање: Градење на конкурентска предност во македонската продукција“. Од учебната 2018/2019 е доцент по предметот Продукција на ФДУ, а моментално е докторанд на УКИМ со темата: „Стратешко планрање: Глобализацијата на дигиталниот филмски израз“. Уште од студентските денови, тој започнува да работи на филмски и театарски проекти. Додека студира, најмаркантен проект е театарската претстава „Мис на Линејн“ по текст на Мартин МекДонах. Истата е поставена во МКЦ и игра на репортоарот повеќе од 20 репризи. Македонската праизведба на претставата претставува и прво поставување на текст на авторот во Македонија. Во наредната година, до премиерата на неговата следна претстава, тој е дел од продуцентскиот тим на низа кратки промотивни филмски форми кои се наменети за ТВ медиум; повеќето од нив се нарачка на Министерството за Култура на Р.М. и Владата на Р.М. Следен негов проект е „(Вон)Земјанинот Ли, маестрално документарно дело на Сашко Потер Мицевски. Следниот успех го забележува со уште еден краток филм, но овојпат - игран; се работи за филмот „Враќање“ во режија на Дина Дума. Успешноста на овој филм во голема мера беше одреден од самата продукција на истиот и ефикасноста при реализацијата.
Првиот игран филм на којшто работи Илија Циривири е филмот „Збор“ во режија на Слободан Деспотовски. Истата година во Македонија се снимаат, а Илија е координатор на продукција на три епизоди од серијата „12 Мајмуни“ во Продукција на NBC, која е правена по култниот филм со ист наслов во режија на Тери Гилијам. Наредната година, Илија е повторно дел од тимот кој работи на најголемиот сервис на странски филм по повеќе од 20 години - станува збор за францускиот „A Fond“ кој се снимаше повеќе од 3 месеци. Успешноста при реализацијата на овие проекти, како и на многу други помали по обем, но не помалку значајни, како на пример играниот филм „Незаборавна пролет во заборавеното село“ ја движат професионалната кариера на Илија кон капитални проекти. Така во 2017 година Илија е линиски продуцент на филмот „Мерсал“ кој е сниман во повеќе од 15 земји, со буџет од 14 милиони евра и успех на благајната со 38 милиони долари ширум светот.
Својата премиера ја чека и долгометражниот филм, атратктивен современ филм, помеѓу фантазија и драма и со наслов „Лена и Владимир“. Пред него својата светска премира ја доживеаа и „Сите против сите“ - словенечека ко-продукција и феноменалниот „Галаксијата Андромеда“ кој премира имаше на Сараевскиот фестивал и освоена награда на фестивалот во Сан Себастијан, Шпанија.
Академските и професионалните достигнувања практично се контемплација на алпинистичките предизвици во сите изминати години. Задоен со алпинистичка идеологија уште пред да се запише во основно школо, Илија своите авантури неуморно ги нижи во светот на планините и вертикалите уште од 2005-та година, со почетоци на Матка секако, па се’ до искачувања на мраз во Австрија, Италија... Од домашните искачувања највредно за забележување е „Духот од Патишка“- алпинистичка насока низ мраз, карпа и снег во должина од 800 метри.
Од 2019-та година е и Претседател на македонската алпинистичка федерација.