Македонија – прекрасна!
Конкурс „Најдобра планинска фотографија“ на ЕХО 2020
Во овие чудни, ковид времиња-невремиња, ако имаше барем нешто позитивно, тоа би било тоа што поради разно-разните забрани и отежнувања околу патувањето надвор од нашата држава, можевме малку повеќе да и’ се посветиме на Нејзе.
И знаеме – ја истражувавте повеќе, и’ се радувавте повеќе, ја сакавте повеќе...
Овогодинешниот фото-конкурс го посветуваме на македонските планини. Ајде сите заедно со што поголем број фотографии да ги споделиме искуствата и радостите од посетата на нејзините убавини и да покажеме и докажеме, повторно и повторно, колку нашата Македонија е навистина – прекрасна!
Конкурсот започнува денес, а ќе трае до 30ти септември. Целта повторно, исто како што беше и во минатите години, е да Ве поттикнеме, инспирираме, охрабриме – да ја споделите и Вие Вашата приказна преку Вашите најубави и најинспиративни моменти кои сте ги имале во планината, во природата – претставени преку Вашите фотографии на најразлични теми: планински спортови и рекреација, пејзажи, планинска флора и фауна, живот во планина, изгрејсонца, зајдисонца, насмевки... И секако преку нив, да не’ инспирирате и нас, па штом заврши овогодинешното издание на Ехо – сите на планина!!!
Овој пат, темата е „Македонија – прекрасна!“ и ќе бидат прифатени само фотографии од планините и Вашите искуства во нив – од нашата прекрасна држава!
Конкурирање: Конкурсот е отворен само за жители на Република Македонија. Eден автор може да конкурира со најмногу 2 фотографии и својата апликација треба да ја достави преку официјалниот е-маил на Ехо за таа намена: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Апликација: Покрај фотографијата, во мејлот јасно треба да биде напишано името и презимето на авторот, насловот на фотографијата, а по желба на авторот и краток опис за фотографијата/фотографиите со кои аплицира, но и линк до негово портфолио, веб-сајт и/или друг социјален медиум, кои би послужиле за подобро запознавање на публиката на ЕХО со неговата фотографија и други дела.
За фотографиите: Големината на фајлот да не е поголема од 20Мb. Фотографиите не смеат да бидат помали од 1600 пиксели во ширина ако се хоризонтални или 1600 пиксели во висина ако се вертикални и не смеат да содржат никакви жигови и логоа.
Тек на конкурсот: Сите пристигнати фотографии, ќе бидат објавувани во заеднички албум на Фејсбук профилот на Фестивалот – за наше уживање, инспирација и загревање за Фестивалот! Краен рок за праќање на фотографии е 24 часот на 30ти септември. На 5ти октомври, 3-члено жири ќе ги објави 10-те најдобри фотографии, земајќи ги во предвид следните критериуми: креативност, квалитет на фотографија и композиција. Во текот на последниот ден, кога ќе биде организирана церемонијата за прогласување на победници на филмови на овогодинешното ЕХО, ќе бидат прогласени и трите победнички фотографии, а авторите ќе бидат наградени со: опрема за планинарење од продавницата Outdoor.mk и досегашните публикации на Фестивалот.
Забелешка: Ќе бидат земени во предвид само фотографии кои претходно не учествувале на други конкурси и кои не биле изложувани и за кои авторот ги поседува сите права. Авторот, со својата апликација, му дава право на Фестивалот за планински филмови „ЕХО“, бесплатно да располага со неговите фотографии и да ги користи за објавување на Фејсбук профилот, сајтот на Фестивалот и други социјални медиуми, за објавување во книги и списанија во издание на Фестивалот, огласи за нови конкурси и разни други свои маркетинг цели.