Вести

Жири за еколошки филм

Трета година по ред, во рамките на филмската програма на ЕХО, имаме натпреварувачка категорија „Најдобар еколошки филм“. Воодушевени од работата на Македонското еколошко друштво, а веруваме и Вие, по сите тие супер интересни и важни нивни презентации кои биле дел од нашата програма низ годините, задоволство ни е што токму нивни членови го претставуваат жирито кое го одредува победникот во оваа категорија.

Жирито оваа година:
Фросина Пандурска-Драмиќанин е родена во 1983 година во Скопје. По образование е филолог и магистер по социолошки науки, а е проектен координатор во Македонско еколошко друштво. Има долгогодишно искуство како лице за односи со јавност, новинар и преведувач и толкувач од албански јазик и обратно. Во периодот од 2007–2010 година како новинар во ТВ Алсат-М има добиено 5 новинарски награди од меѓународни организации на повеќе теми (климатски промени, заштита на диви видови, сиромаштија и културен соживот). Во Македонското еколошко друштво работи од 2011 година, каде преку својата работа се залага за воспоставување нови заштитени подрачја во земјата. Од 2015 година е член на платформата „Пријатели на Шара“, којашто беше најактивна во поддршката на процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк.
-
Данка Узунова, Македонско еколошко друштво
Израсната во Гевгелија. Од мали нозе покажува интерес за природата, кој продолжува во студии по екологија и професионално истражување на птици. Преку 10 години работи во Македонско еколошко друштво, каде директно придонесува за развојот на орнитологијата (наука за истражување птици) во Македонија. Нејзин најзначаен придонес е подобрување на познавањето на презимувачките водни птици во Македонија и во развојот на Вториот европски атлас на птици гнездилки. Моментално, таа е претставник на координаторите за зимско пребројување на водни птици на територијата на Западен Палеарктик.
-
Александар Павлов е роден во 1986 година во Скопје. По образование е лингвист и биолог и е проектен асистент во Македонското еколошко друштво. Има долгогодишно искуство како преведувач и толкувач од англиски јазик и обратно. Од 2018 година работи во Македонското еколошко друштво (МЕД/MES) на Програмата за закрепнување на балканскиот рис. Низ своите професионални активности тој се бори за овој редок подвид преку едукација во основните училишта и заложби за прогласување заштитени подрачја во земјата. Честопати е во природа, каде врши теренски истражувања на крупни месојадни животни и ситни цицачи, а се вклучува и во останатите активности на Друштвото.
-
Славе Накев е роден во Радовиш во 1994 година и неговата пасија за птиците и биодиверзитетот се развила во професија, иако по образование е компјутерски инженер. Од 2013 година е дел од тимот на Македонско Еколошко Друштво каде што главниот фокус на неговото делување се песнопојните птици како и компјутерски ГИС (Географски Информациони Системи) анализи. Ваквата работа налага многу теренски истражувања во природа каде што можеш многу да научиш од животните и растенијата кои што не опкружуваат.

Партнери

Поддржано од

Член на: