Вести

Филмско жири на ЕХО 13' / 2022

Почитувана публико, Ви ги претставуваме членовите на жирито, кое ќе ги прогласи победниците од филмската програма, во повеќето натпреварувачки категории од овогодинешното издание на ЕХО:
 
Маја Мухиќ е професорка по културни студии и културна антропологија на Универзитетот на Југоисточна Европа. Таа докторирала филозофија во Скопје, а магистрирала културна антропологија на Универзитетот во Кембриџ, Англија, како и родови студии и култура во Будимпешта. Во својата академска кариера, престојувала и на други реномирани универзитети како Универзитетот во Санта Барбара и на Беркли, Калифорнија. Објавила многу трудови во филозофоски и антрополошки списанија во полето на пост-колонијалната теорија, идентитетските политики, мултикултурни теории и интеркултурни компетенции. Учествувала како визитинг професор и предавач на многу конференции и реномирани универзитетит во Европа, Азија и САД.
Покрај нејзината академска кариера, Маја е длабоко посветена и ја црпи својата креативност и инспирација од природата и од многуте спортови (планинарење, алпинизам, турно скијање/сноуборд, кајт сурф) со кои се занимава со години. Ги има искачено Мон Блан, Арарат, Дамаванд, Грос Глокнер, Мармолада, Триглав, а Шарпланинскиот масив го смета за гравитационен центар на нејзината душа. Има искачувано многу алпинистички насоки низ Македонија, 1000 метарски вертикали во Словенија, неверојатните Доломити и уште многу локалитети во регионот. Длабоко посветена и на турното скијање/сноубордот, има искачено и скијано далечни и неверојатни линии. Вљубеник во кинематографија, учествувала и во дебати, жирија и дискусии на повеќе филмски настани.
 
***
 
Горан Илија Tрпчевски роден во Скопје, Република Македонија.
По завршувањето на основното и средното образование, во периодот од 1990 до 1996 година интензивно се занимава со фотографија и телевизиско снимање. Најнапред како камерман во Македонската телевизија, а од 1994 како телевизиски снимател во телевизија Сител.
Факултетот за драмски уметности – ФДУ во Скопје, на одделот за Филмска и ТВ камера, го завршува во 2000 година, по што и работи како асистент на одделот за Филмско и ТВ снимање, а од Септември 2010 година како Доцент по Филмско и ТВ снимање и Фотографија.
Во Мај 2010 година одбранува Магистерскиот труд на ФДУ во Белград, Р. Србија и се здобива со академски назив »Дипломиран теоретичар од втор степен на дипломските академски студии од областа на теоријата на драмските уметности и медиуми – МАСТЕР«
Во Септември 2011 година е избран во Вонреден професор по предметите Филмско и ТВ снимање и Фотографија.
Помеѓу 2011 до 2015 година е назначен за Продекан на УКИМ Факултетот за драмски уметности во Скопје, а од Октомври 2013 година до денес е раководител на катедрата за Филмско и ТВ снимање. Од Септември 2019 година повторно е назначен за Продекан за настава на УКИМ Факултетот за драмски уметности – Скопје, а за целиот минат период активно ги држи предметите Филмско и ТВ снимање и Фотографија.
Редовно учествува на меѓународно научно уметнички конференции, меѓународни филмски фестивали, член на жири на меѓународни фестивали на документарен филм, комисии за одбрана на дипломски и магистерски трудови, како и работа како кинематограф на повеќе од 25 документарни и кратки играни филмови, како и продуцент на 3 кратки играни филма.
Последно и не помалку важно, тој е голем љубител на планините, планинарењето т.е. на природата воопшто во сите годишни времиња. Со алпинизам и качување на карпа почнува да се занимава во 2018 година, а од поважните искачувања го издвојува искачувањето на врвот Очњак на Проклетије, Црна Гора во Септември 2018 година, по Јужниот гребен во алпинистички стил со Благој Миленков и Данчо Марковски.
 
***
 
Радован Петровиќ е монтажер и дипломиран режисер кој повеќе од 15 години работи и живее во Скопје, Македонија. Како монтажер е потпишан на десетина кратки филмови, неколку документарци, еден долгометражен филм и една ТВ серија. Режисер е на пет кратки играни филмови кои имаат активна фестивалска дистрибуција и се наградувани на фестивалите во Македонија и странство,  како и на епизоди од играни и документарни ТВ серии. Во моментов работи на својот дебитантски долгометражен филм.
Како љубител на природата и планините се има искачено на повеќето планински врвови во Македонија.

Партнери

Поддржано од

Член на: