„Пасија за планини и филм“
– Дариуш Залуски (Полска)
Дариуш Залуски е полски алпинист, кој преку полските Татри и некои повисоки планини во светот (први искачувања на Хангшу во Хималаите и Борондо Шар во Каракорам), своето искуство го гради и во највисоките, искачувајќи се на Гашербрум 2, Чо Оју, Лотце, Еверест (два пати) и К2, а потоа зема свое учество и во зимските полски хималајски експедиции на Нанга Парбат, Макалу и К2.
Во 1997 година, за време на последната експедиција која ја води легендарниот Анджеј Завада, на Нанга Парбат, Дариуш почнува да снима и документира и влегува во нова авантура – документарниот филм.
Преку оваа своја презентација, тој ќе ни раскаже како неговата пасија кон планините, го носи во нова пасија - филмот и преку извадоци од дел од неговите филмови и фотографии (најмногу од летната и зимската експедиција на К2), ќе ни го претстави тој процес.
Дариуш има учествувано во реализацијата на повеќе од 15 планински филмови (како директор на фотографија, сценарист или режисер), со кои се има претставено на повеќе фестивали, вклучувајќи го тука и Ехо, а има добиено и награди на неколку од нив - фестивалите во Ванкувер, Москва, Сливен, Тренто, Краков...
Од страна на Меѓународната алијанса на фестивали на планински филм, во 2021 година Дариуш Залуски ја добива главната награда – Гран При, која се доделува секоја година како признание и награда за животно дело, препознавајќи ја неговата улога во еволуцијата на планинскиот филм и препознавајќи го како еден од лидерите во овој жанр.