„Моите авантури во изминатите 7 години“
- Марко Презељ (Словенија)
На личниот сајт на Марко, го пишува овој краток опис:
„Роден во есента 1965 година. Дипломиран хемиски инженер (1994), алпинист (1985), алпинист-инструктор, планински спасител при службата во Камник, планински водич, фотограф - и многу други работи кои животот ми ги принесува...“
За алпинизмот вели - тоа е начин на живеење. И додава дека независно какви се причините поради кои некој работи алпинизам, често тој е исполнет со емоција и пасија.
Како алпинист, силно ја брани несигурноста и непредвидливоста - кои се основа на секоја искусена авантура. Вели, една од пораките кои полека и тивко го имаат освоено низ годините е следна:
„Ќе боли
Ќе трае
Ќе бара посветеност
Ќе бара огромна волја
Ќе бидат потребни откажувања
Сомнежот ќе биде твоја сенка
Ќе мора да носиш одлуки
Да буткаш бос до самиот крај
Искушенија ќе те напаѓаат
Тогаш ќе спознаеш: вреди да се обидеш.“
Марко е еден од најсилните словенечки, но секако и светски алпинисти. Добитник е на најголем број на „Златен цепин“ признанија - признанија кои ги наградуваат најсилните алпинистички искачувања во една година во светот и кои служат за да му покажат на светот, но и заедницата која практикува планински спортови, што во моментот е вистински алпинизам.
Марко го доби првиот „Златен Цепин“ во 1992 година, за искачувањето на нова насока на јужниот гребен на јужниот врв на Кангченџунга заедно со Андреј Штремфељ; вториот „Златен цепин“ во 2007 година за нова насока на Чомолари заедно со Борис Лоренчич; третиот „Златен цепин“ во 2014 година за нова насока по северната страна на Хагшу во индиските Хималаи, заедно со Алеш Чесен и Лука Линдич; а последниот „Златен цепин“ во 2016 година, за искачување на нова насока на Серо Киштвар во Индија, заедно со Хајден Кенеди, Урбан Новак и Ману Пелисиер.
Сепак, тој е познат и по тоа дека се противи на награди и смета дека дружењето помеѓу алпинистите кога се сретнуваат и ги споделуваат своите искуства, треба да биде фестивал, а не настан кој ќе се претвори во натпревар.
За својата презентација на Ехо вели: „Мојата презентација ќе биде фокусирана за моите авантури во изминатите седум години. Ќе се обидам да го претставам мојот животен стил преку овие приказни. Повеќето луѓе разбираат дека искуствата во планините е невозможно да бидат пренесени. Оценувањето на било кое искачување исто така е бесмислено. Есенцијата на качувањето изгорува во моментот на искусувањето. Сржта на алпинистичката потрага секогаш ќе биде во пепелта...“