„Општествено корисен Алпинизам на охридски начин“ - Антонио Додевски
Алпинизмот претставува комплексна активност, која бара целосна посветеност, а луѓето кои се занимаваат со алпинизам, се принудени нивните секојдневни обврски да ги адаптираат и поврзуваат со нивната алпинистичка активност. Без разлика дали станува збор за високи спортски цели или за ангажман во развој на заедницата, алпинистите кои се вклучени и го прават тоа, мора да се комплетно посветени, бидејќи во спротивно, неуспехот е сигурен.
Ваквата пасија, да се прави нешто со целото свое битие, прави од алпинистите личности со специфичен карактер, кој во комбинација со вештините често претставува решение за голем број општествени потреби. Ако малку се завртиме наоколу, ќе видиме многу ситуации, каде алпинистичките вештини се клучни за постигнување на висока ефикасност во различни дејности, како што се специјалните армиски и полициски единици, комплексни градежни активности, па се до дизајн и изградба на туристичка инфраструктура, како авантуристички паркови, Виа Ферати и сл.
Една мала алпинистичка заедница од Охрид, претставува практичен пример за тоа, а упорноста на овие луѓе и нивната целосна посветеност, покажуваат дека со силен ентузијазам и „алпинистички инает“, возможни се дури и најневозможните мисии во времето и просторот кој не’ опкружува.
Антонио Додевски ќе ни претстави неколку такви мисии: првата еколошки самоодржлива Планинска куќа „Спиридон“, Виа Фератата „Доброја“ и новата авантуристичка зона во НП Галичица, Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, како и уште многу тековни и идни проекти на АК Патагонија од Охрид...