Се заблагодаруваме до Горан Илија Трпчевски, Маја Мухиќ и Радован Петровиќ - членови на главното жири.
Во продолжение победниците:
„Бел сон“, Матиј Ле Ла, Франција, 52’ – Grand Prix
Прекрасно визуелно и длабоко емотивно патешествие низ една сосема друга димензија. Филмско остварување изведено со таква прецизност и совршенство што токму како и на фотографиите на Жереми Вилет, едноставно нема што да му се одземе.
„Светоста на просторот“, Ренан Озтурк/Фреди Вилкинсон, САД, 106’ - Best Feature Film
Паралелни приказни за животни качувачки достигнувања на една страна и качувачки проект на друга, поврзани со една црно бела фотографија. Драматуршкото водење на приказните, како и комплетниот продукциски зафат, го прават филмот едиствена визуелната и монтажната целина, чиј наратив заклучува со потрагата по вистината според Аристотел... ,,Потрагата по вистината на еден начин е тешка, а на друг начин лесна, зашто е очигледно дека никој не може целосно да ја совлада или целосно да ја пропушти. Но, секој додава малку на нашето знаење за природата, и од сите факти собрани таму произлегува одредена величественост.“
Брутално искрен, тревожен пресек на комплекноста на човекот и моќта за адаптирање на големи, неочекувани промени.
„Поврзување“, Ник Ковалски, Нов Зеланд, 2022, 30’ – Best Mountaineering Film
Поради документирањето на еден гигантски потфат во искачувањето на највисоките Ново Зеландски врвови во еден здив, егзекутиран со исклучителна скромност, истрајност и пасија за вистински недопрените предели оттаде жагорот и комерцијалното.
„Фрирајдер“, Жером Танон, Франција, 2022, 35’ - Best Short Film
Филмот Free rider се издвојува од добро познатите филмски снежни пејсажи поради специфичниот ироничен авторски јазик, земајќи право да го искористиме истиот ќе кажеме дека режисерот сигурно има добро исчеткани заби.
„Оганот на љубовта“, Сара Доса, САД, 2022, 93’ – Best Culture & Nature Film
Восхитувачка визуелна бајка на режисерката Сара Доса, која преку архивски материјали успева да го оживее неописливото во поимите на љубов и пасија.
Животна приказна за себеспознавање, за физичко егзистирање со одредени цели, качување на Хималјски врвови по нови рути, додека животот не возврати... кога нема посебна дестинација, никогаш не доцните, и никогаш не сте изгубени. Секогаш сте токму онаму каде што треба да бидете. Во таков момент се случува духовното будење на протагонистот кое го води да го промени начинот на живот и чистиот алпски стил на качување станува лекција за чист стил на живеење. Извонредна визуелна документираност со изобилство на архивски материјали, склопени во единствено наративно доживување.