Најдобар Краток Филм: „КМ 82: Гласот на носачите на Камино Инка“, Маринел де Хесус
Жирито за оваа категорија, се состоеше од членови на Фестивалот на кратки филмови „ДримШорт“ од Струга. Тие во оваа категорија прогласија победник, но и доделија специјално признание, а пред публиката образложенијата ги прочита Лидија Мојсовска:
Да се избере само еден филм од вкупно 30 навистина не е лесна задача. Но истовремено, беше задоволство да се изгледаат 30 кратки филмови, посветени на планината, на природата и на она што помалку го забораваме, а тоа е исконската врска на човекот со неа. Оттука, задоволството премина во чест, кога требаше да бидеме жири и да го избереме најдобриот краток филм на овогодинешното издание на ЕХО Фестивал на планински филм.
Жирито во состав Јаков Попоски, Раде Гогоски и јас, Лидија Мојсовска, се одлучивме за приказна, односно за филмот кој сметаме дека во себе носи најсилна приказна и најсоцијално ангажирана порака.
Тоа е филмот „КМ 82: Гласот на носачите на Камино Инка“, на режисерката Маринел де Хесус. За нас, без да сакаме да ја намалиме вредноста на другите филмови, ова беше приказна, чија срж и болка вистински доаѓа од планината. За луѓето кои борејќи се за својата егзистенција, во себе ја чуваат непроценетата вредност на планината и се родени таму за да ја пренесат тајната на Инките на сите добронамерни посетители од целиот свет. Но, по која цена и дали вреди, е токму пораката која ни ја пренесува оваа инспиративна приказна. Истата патека која води до големата цивилизација на инките, за протагонистите во оваа приказна е пат кон нивна дехуманизација. Овој филм и покрај пречката да биде снимен до крај успева да пренесе една социјално-ангажирана порака. Овој алармантен крик на потомците на Инките кои се обидуваат да егзистираат експлоатирани и речиси во никакви услови може да биде гласот на сите експлоатирани работници во светот.
Специјално признание во категоријата Краток филм: „Легендата за Златорог“
Поради естетскиот пристап, емотивната приказна и волшебната анимација, решивме да дадеме и специјално признание за филмот „Легендата за Златорог“ на режисерката Леа Вучко. Оваа адаптирана приказна од стара словенска легенда, на фантастичен начин не зема во магичниот свет каде се судруваат човековата суетност, наспроти моќта на коегзистенцијата која постои во природата.
Благодариме Drim Short Film Festival