Специјално признание: „Проклетството на планината“, Дариуш Залуски / Освалд Родриго Перера
Главното жири на Ехо, оваа година одлучуваше за повеќе категории. Помеѓу нив: најдобар долгометражен филм, најдобар качувачки филм, најдобар алпинистички филм, најдобар култура&природа филм и Гран При. Исто така беше објавено и Специјално признание - на гореспоменатиот филм.
Одлуките ги читаше Иво Бару - член на жирито, кој за овој филм кажа:
Топол и емотивен, пред сѐ поради ликовите преку кои ни се раскажува приказната: Јан Ленчовски (покрај желбата да го искачи Нанда Деви има и дополнителен мотив - да го повтори успехот на неговиот прадедо кој бил дел од експедицијата што во 1939 година за прв пат го искачила Нанда Деви) и неговата баба (која посветено чува еден куп писма и друга меморибилија од својот прерано починат татко).
Паралелата со експедицијата од 1939 година е одлично решение кое не' „вози“ низ филмот. Влијанието на Втората светска војна дава поинаков контекст на освојувањето на Нанда Дави, т.е. го прави успехот апсолутно небитен и невидлив. Токму оваа иронија му дава интересен квалитет на филмот: личниот успех го прави апсолутно апсурден, дури лузерски, од една перспектива, но од друга страна му дава уште поголема важност, бидејќи одредени подвизи човек ги прави заради себе, а не заради другите.
По прогласувањето пред публиката, беше пуштено ова поздравно видео од корежисерот Освалд Родриго Перера.
Честитаме!