Трифун Ситниковски e етаблиран режисер, сценарист и продуцент од Балканот, со седиште во Скопје. Познат по бројни филмски и ТВ проекти, тој привлече поголемо внимание за неговата работа со правењето филмови од јавен интерес, соработувајќи со истражувачки новинари со цел да се раскажат сложени проблеми како еколошки криминал, корупција и информативните војни. Неговиот последен краток филм „Мала шега“ беше избран во официјална конкуренција на престижниот филмски фестивал во Оденсе, квалификациски фестивал за Оскар. Меѓутоа, неговото најпознато дело е како режисер на наградуваниот документарен серијал „Редакција“, со кој се позиционираше меѓу водечките регионални гласови во овој жанр на документарен филм што подоцна послужи како модел за вакви проекти во балтичкиот регион и Либан. „Редакција“ е продуциран од Истражувачката репортерска лабораторија, и заедно со нив Ситниковски ја основаше „Стори Лаб“ – филмска продукциска компанија фокусирана на снимање филмови од јавен интерес.
Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар, роден на 9 февруари 1986 година во Битола. Дипломира на катедрата за општа и компаративна книжевност, при факултетот „Блаже Конески“ во Скопје во 2010 година. Активно се занимава со филмска критика од 2008 година. Дигиталните филмски рецензии ги објавува на веб-страницата „Мувис.мк“, а печатените во: „Кошмар“ „Граѓански“, „Кинопис“, „Филм плус“, „Филмски печат“. Тој е радио водител на филмската емисија „Danse Macabre“ која постои 15 години и емисијата „ТВ 103“ која постои пет години на радио „Канал 103“. Добитник е на наградата за најдобра филмска критика на филмскиот фестивал „Синедејс“ во 2013 година. Режисер е на кратките филмови „Од другата страна“, „Мемоари“, „Слобода“ и организатор на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“. Член беше на жири комисии на филмските фестивали: „Синедејс“, „Македокс“, „Филмај“, „Мобил фестивал“,„Филозофски филмски фестивал“ и „Флипбук филм фестивал“. Седум години е водител на филмската јутјуб емисија: „Видеологија“. Тој има објавено три збирки раскази: „Морбидизам“, „Колекционерот на страв“ и „Понор“, а во 2021 година е објавена неговата прва збирка на филмски есеи и рецензии: „Видеологија (2019-2020 година)“, една година подоцна збирката интервјуа со домашни режисери: „Мастерклас“, а во 2023 година ја објави Видеологија 2 (2021-2022 година). Од 2023 година e член на Националната секција од Интернационалната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ.
Маја Мухиќ е професорка по културни студии и културна антропологија на Универзитетот на Југоисточна Европа. Таа докторирала филозофија во Скопје, а магистрирала културна антропологија на Универзитетот во Кембриџ, Англија, како и родови студии и култура во Будимпешта. Во својата академска кариера, престојувала и на други реномирани универзитети како Универзитетот во Санта Барбара и на Беркли, Калифорнија. Објавила многу трудови во филозофоски и антрополошки списанија во полето на пост-колонијалната теорија, идентитетските политики, мултикултурни теории и интеркултурни компетенции. Учествувала како визитинг професор и предавач на многу конференции и реномирани универзитетит во Европа, Азија и САД.
Покрај нејзината академска кариера, Маја е длабоко посветена и ја црпи својата креативност и инспирација од природата и од многуте спортови (планинарење, алпинизам, турно скијање/сноуборд, кајт сурф) со кои се занимава со години. Ги има искачено Мон Блан, Арарат, Дамаванд, Грос Глокнер, Мармолада, Триглав, а Шарпланинскиот масив го смета за гравитационен центар на нејзината душа. Има искачувано многу алпинистички насоки низ Македонија, 1000 метарски вертикали во Словенија, неверојатните Доломити и уште многу локалитети во регионот. Длабоко посветена и на турното скијање/сноубордот, има искачено и скијано далечни и неверојатни линии. Вљубеник во кинематографија, учествувала и во дебати, жирија и дискусии на повеќе филмски настани.