Приказната започна кога Ања Петек и Патриција Вердев искачија зимска насока во Словенија и решија да организираат експедиција некаде во Хималаите. Бидејќи помина долго време од последната целосно женска словенечка експедиција, ова се чинеше како совршена можност. Уша Кешар и Ана Баумгартнер наскоро им се приклучија во авантутата.
Доцна во текот на летото во 2024 година, четирите алпинистки тргнаа кон оддалечената долина Лалунг во регионот Занскар, во Индија. Заедно со 18 носачи, тие поставија базен камп на 4100 метри – место што брзо стана центар на нивните искачувања, но и сцена на драматични средби со мечки, кои речиси секоја ноќ им ги напаѓаа шаторите.
И покрај бурата и непредвидливите услови, тимот успеа да искачи четири нови насоки:
Connection (VI-/V, 1400м) на гранитниот ѕид висок 5332 метри (Петек и Вердев);
BC (Bear Camp) (V-/IV, 800м) и Calm Before the Storm? (V+/IV, 670м) на истиот врв (Баумгартнер и Кешар);
и врвниот момент на експедицијата – првото искачување на Лалунг 1 (6243м) по источниот гребен.
Во текот на пет интензивни дена, Петек и Вердев ја искачија линијата Here Comes the Sun (ED, M6+, AI5+), долга 2000 метри, во чист алпинистички стил. Тие издржаа снежна бура што ги принуди да бивакуваат на гребенот, ги изгубија шипчињата од шаторот поради силен ветер и качуваа низ тежок мешан терен од мраз и карпа. На 14 септември, по замор и густа магла, стоеја на врвот на Лалунг 1 – првото познато искачување на планината.
Со четири нови насоки, во еден од најмалку истражените делови на Хималаите, „Женската експедиција на Лалунг“ стана не само алпинистичко достигнување, туку и сведоштво за храброст, истрајност и инспиративната сила на жените во планините.
Во 2025 година, оваа експедиција го добива признанието „Специјална награда“ на манифестацијата Златен цепин - признание кое се доделува со цел да го промовира женскиот алпинизам. Објаснувањето за овогодинешната одлука на жирито е следна:
„...Истражувачко прво искачување на врв висок 6000 метри во ретко посетуван регион, целосно преминување на планината, искачување во чист алпинистички стил преку технички тежок терен и високо ниво на посветеност, особено при преминувањето на врвот во лоши временски услови. Сите овие карактеристики совршено се вклопуваат со вредностите на Златниот Цепин, а искачувањето на Лалунг 1 се надеваме дека ќе биде прекрасна инспирација за идните жени-алпинисти.“
Во Скопје, на 24ти октомври, ни гостуваат Ања Петек, Патриција Вердев и Урша Кешар:
Ања Петек израснува на голема фарма, каде што уште како девојче ја стекнува својата кондиција и издржливост, зголемувајќи ја својата сила преку работа на земјоделските полиња. Како дете обожавала да се качува по дрвја и им задавала доста главоболки на своите чувари, бидејќи тешко можеле да ја задржат. Пред факултет не се занимавала со спортови, но во 2015 година го открила алпинизмот – и веднаш се вљубила. Наскоро следела и нејзината прва експедиција - на Пик Ленин во Киргистан. По тој прв успех, тешко ѝ било да ја игнорира својата внатрешна сила и желба и покрај тоа што средината во која пораснала не била премногу поддржувачка.
Многу е задоволна од својата алпинистичка кариера и горда што ги реализирала неколкуте големи желби – како зимското повторување на Хекмаер насоката на северната страна на Ајгер, првото женско зимско повторување на Чоповиот столб на северната страна на Триглав и првото зимско повторување на трилогијата Скалашки на Шпик, Шкрлатица и Триглав - во еден налет. Со посебна топлина се сеќава и на двете експедиции во Перу, каде што ја искачи новата насока Fango Fiesta на источната страна на Хуалкана (6165м). Секако, последната женска експедиција во Хималаите, кога заедно со својата партнерка Патриција Вердев го искачија девствениот врв Лалунг 1 (6243м) - уште силно одекнува во неа.
Денес професионално се занимава со психотерапија, преку која ги истражува и другите аспекти на животот. Иако нејзината страст кон алпинизмот моментално се смирила, таа вели дека останува истраен истражувач – можеби само во поинаква форма.
Патриција Вердев е алпинистка инспирирана од високите планини и долгиот гребенски свет. Сè започнало со сонот за белите врвови, што во 2017 година ја навело да се запише во алпинистичкото училиште на ПД Целје Матица. Денес работи како самовработена и вешто го избегнува канцеларискиот живот.
Урша Кешар е членка на Алпинистичкиот клуб Крањ и потекнува од планинскиот регион на Словенија. Таа се приклучува на клубот со намера да започне да ужива во турно скијањето, но наскоро станува привлечена од качувањето. Нејзиното искачувачко патување започна пред 7 години, без никакво претходно искуство во качувањето. Пред експедицијата во Хималаите минатата година, успешно ги заврши своите докторски студии во областа на биомедицината на Институтот за онкологија во Љубљана и сега работи како истражувач на Медицинскиот факултет во Љубљана.