Вести

Партнерства меѓу управувачите со заштитените подрачја

Креирање и негување на партнерства меѓу управувачите со заштитените подрачја и љубителите на планините.

Звучи нормално, изводливо, потребно, важно... Така и е - и имаме убав пример: на Галичица.

Презентацијата ја истражува важноста од воспоставување долгорочни партнерства помеѓу управувачите на заштитените подрачја и заедницата на љубители на планините.
Преку примерот на соработката помеѓу Национален парк „Галичица“ и Алпинистички клуб „Патагонија“ – Охрид, ќе се покаже како довербата, координираните активности и заедничките иницијативи можат значително да придонесат за подобро управување со природата, зачувување на биолошката разновидност, промоција на природното наследство и развој на одржлив авантуристички туризам во заштитените подрачја.
Во презентацијата ќе учествуваат Андон Бојаџи и Антонио Додевски, кои ќе споделат свои искуства и примери од практичната соработка.

--

Андон Бојаџи е дипломиран шумарски инженер со повеќе од три децении професионално искуство во управување со заштитени подрачја. Од 1991 година е дел од тимот на Националниот парк „Галичица“, каде активно работи на подобрување на квалитетот на шумите, мониторинг на биолошката разновидност и развивање на планови за управување со природните ресурси.
Во својата кариера, Бојаџи има учествувано во бројни научни, конзервациски и меѓународни проекти, насочени кон исполнување на меѓународните стандарди за управување со национални паркови. Преку својата работа активно придонесува за градење партнерства со локалната заедница, љубителите на природата и планинарите, со цел долгорочна стабилност и промоција на паркот како пример за одржливо управување со заштитени подрачја.
Покрај професионалните достигнувања, Бојаџи е и искусен планинар, член на првата охридска експедиција што во 1979 година го искачила Мон Блан, што претставува важен симбол на охридската планинарска традиција.

--

Антонио Додевски е алпинист, УИМЛА водич во планина и инструктор за планинско спасување, со повеќе од две децении активно искуство во алпинизмот и спасувачките активности. Тој е еден од иницијаторите за возобновување на алпинизмот во Охрид. Во 2001 година, заедно со група истомисленици, го основа клубот, а веќе во 2002 година иницира формирање на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид – која денес претставува пример за организираност, посветеност и професионализам, препознаена не само во државата, туку и во регионот.
Од 2020 година ја извршува функцијата претседател на Националниот сојуз за планинско спасување, каде заедно со 12 организации од целата држава и повеќе од 250 волонтери, работи на создавање единствена, унифицирана и ефикасна планинска спасителна служба, во согласност со европските стандарди и препораките на Меѓународната комисија за алпско спасување (ICAR-CISA).
Професионално, Додевски е проектен менаџер на проекти финансирани од меѓународни донатори, насочени кон развој на системот за планинско спасување и создавање услови за одржлив авантуристички туризам во заштитените подрачја.

Партнери

Поддржано од

Член на: