
Вистинско задоволство ни е што за наградите во категориите Најдобар качувачки и најдобар алпинистички филм, одлучува дел од тимот на Македонската алпинистичка федерација.
Жирито се состои од луѓе кои имаат искуство во областа на филмот и се докажани страсни љубители на природата и планините.
Христина Крстеска е визуелен уметник и истражувач. Има завршено магистерски студии на Факултетот за Ликовни Уметности, а нејзината уметничка работа се базира на мултимедијални практики. Во полето на уметноста таа работи со интердисциплинарен пристап, истражувајќи за карпите и влијанието кое човечките активности го оставаат врз нив. Христина исто така е активен член на Македонската Алпинистичка Федерација веќе 10 години. Има остварено многубројни искачувања на алпинистички локалитети во државата и надвор, како и учествувано во повеќе алпинистички семинари.
Илија Циривири е успешен алпинист со дологодишно искуство и длабока страст за зимски искачувања. Некои од неговите најпредизвикувачки алпинистички подвизи се направени прегрнувајќи ја убавината и предизвиците на зимскиот пејзаж. Алпинистички инструктор чии авантури во алпинизмот ја мотивираат помладата генерација. Како филмски продуцент, синтетизирајќи ги сировата убавина на алпинизмот и алпинистичкот предизвик создава филмови кои пркосат и во себе го носат истражувачкиот дух.
Дарјан Раденковиќ е качувач и креативец, кој карпите и добрите приказни ги смета за еднакво важни. Член е на АК Скопје и на Македонската алпинистичка федерација, а љубовта кон качувањето ја преточил и во уредувањето на алпинистичкиот водич за Отмарова Карпа на Матка. Како креативен директор и продуцент на голем број рекламни и раскажувачки видеа, знае колку е важна приказната, без разлика дали се снима во студио или на карпа.
По образование е книжевник и магистер по комуникации и медиуми. Основач е на агенцијата за маркетинг и стратешки комуникации „Жар Птица“, предавач по маркетинг на Brainster Next колеџот, а претходно бил бизнис директор во раскажувачкото студио „Види Вака“.







