Колку мршојадци ни останаа? Каде сè уште ги среќаваме? Што ги доведе до работ на исчезнување и дали сè уште можеме да ја смениме нивната судбина?
Од четирите видови мршојадци што некогаш се гнезделе во Македонија, денес брадестиот и црниот веќе не се гнездат кај нас, а египетскиот и белоглавиот се борат за својот опстанок. Што доведе до ваквата промена и што можеме да направиме за да ја свртиме приказната во друга насока?
Во оваа презентација, Славе Накев ќе нè запознае со состојбата на мршојадците кај нас, заканите со кои се соочуваат и можностите за нивно спасување. Ќе дознаеме и како методите за зајакнување на популациите (restocking) и програмите за реинтродукција се користат во заштитарство, како и за плановите наскоро да се примени зајакнување на популацијата и во Македонија.
Дали повторно на небото над Македонија ќе ги видиме мршојадците во голем број?
Дојдете да поразговараме и да видиме што може да се стори!
Славе Накев е дел од тимот на Македонското еколошко друштво, каде што активно работи на истражување и заштита на птиците и нивните живеалишта. Како орнитолог и ГИС-аналитичар, повеќе од осум години ги спојува теренските истражувања со просторните анализи, придонесувајќи кон зачувувањето на мршојадците, водните птици и значајните природни подрачја. Љубовта кон птиците и природата ја претвора во посветена теренска работа и конкретни активности за нивна заштита.







