Од издавачот
Професор д-р Ферид Мухиќ ги воспеал, им се поклонил и се воздигнал на планините од Аљаска до Борнео. Секогаш сам, никогаш осамен. Па сепак, неговата најголема фасцинација и извор на најдлабока инспирација е веројатно токму Балканскиот предел со своите бравурозни планински масиви пред кои не може да се остане рамнодушен. Понесен од нив, тој пеш го изодел Балканот и се искачил на сите негови врвови кои се издигнуваат над 2000 метри надморска височина.
Во 1973-та за неполни 18 часа ги искачува највисоките четири врва во Р. Македонија - трите највисоки на Шарпланинскиот масив - Шарската круна со Титов Врв, Бакардан и Мал Турчин, а потоа ги спојува со највисокиот врв во земјата - Кораб. Веројатно, еден од најголемите познавачи на Шар Планина со нејзината флора, фауна, скриени водопади, волшебни извори, тајни одаи каде бликаат најубавите шумски јаготки и на нејзините небесни чувари - Шарпланинците, во Метафизика на врвот, тој се нурнува длабоко во контемплација за тоа што всушност значи да се движиме кон Врвот. Песните и есеите во книгата проткаени со мистичниот чад од неговото луле ќе ве поведат во обмисла за минливото и видливото, наспроти вечното и најчето невидливото.
Оваа навидум мала, но бескрајна книга ја содржи есенцијата на Планината и на тоа кои и какви треба да бидеме кога се упатуваме кон планините - тие светилишта на нашите души. Следејќи ги здивот и чекорите на воздигнување кон врвот опеани во оваа книга, се осознава длабоката конверзација со себе низ и преку планината, а врвот престанува да биде цел, зашто патот до целта е патот до крајот.
Ни останува само како горди издавачи на оваа книга, да ви посакаме преубави мигови читајќи ги густите и моќни зборови на Професорот Мухиќ, со кои веруваме дека на секое наредно искачување на планините и врвовите на вашата душа, ќе го видите и почувствувате несопирливиот, бескраен млаз љубов кој секогаш блика од Врвот.
ЕХО - Фестивал на планински филм